ВОЗЕВМЕ ТОЈОТА КОРОЛА 1.6 VVT-i
КАРАТЕ КИД


Насловот може да збуни, доколку очекувате класична обработка на новото чедо на Тојота. Но, внимавајте добро: како поинаку да се протолкува "упадот" на деветтата генерација на Корола на европскиот пазар со подготвени пет верзии на овој автомобил? Во ист момент се пласираат хечбек варијантите со три и пет врати, лимузинската седан верзијата, моделот Версо наменет за оние кои го ценат просторот на MPV возилата, како и караванска изведба. Ќе се согласите, со таков арсенал на вештини за сите вкусови, Тојота им објавува војна на сите што помислија дека можат да го потемнат успехот на најпродаваното светско возило со 29 милиони примероци.
Првиот контакт со возилото што го имав на тест беше потврда за виденото од фотографиите: ова бебенце е прилично напредно! Седнувањето во него ја поттикна мојата констатација дека конечно, возилото не е правено како за Јапонци. Бидејќи не помина многу време откако ја возев претходната седан верзија на Корола, новата генерација ја доживеав како исчекор кон комфорот, бидејќи рака на срце, претходно сите традиционално одлични возни својства паѓаа во вода поради скученоста на патниците во кабината. Префинетоста на компонентите во изработката на ентериерот веднаш се забележува, почнувајќи од претставителната пластика, преку велурот на седиштата, хромираните внатрешни кваки, како и богатата опрема што го надополнува луксузниот впечаток. Тотално ненаметливо, бидејќи целата внатрешност е со многу вкус и осет за практична употреба, па затоа чувството на задоволство продолжува на долг рок. Што се однесува до инструмент таблата, најсоодветен опис е "класика" бидејќи станува збор за полукружни лакови на мерачите на вртежите и брзината, надополнети со покажувачи на состојбата со температурата на моторот и испразнетоста на резервоарот за гориво. Дизајнерско унапредување има и во централната конзола која е складно исполнета (во конкретниот случај со пакет опрема Сол, кој вклучуваше клима уред и компакт диск плеер). Дисплејот на патниот компјутер не е грубо нафрлен како во другите модели на Тојота, но копчињата за мануелно ракување со него се на пристојна оддалеченост (во крајниот горен десен агол на конзолата) поради што се отежнува употребата во текот на возењето. Понудата на информации е скудна, просечна брзина на патувањето, актуелна, и просечна потрошувачка, при што секоја од нив може да се мери на различни делници бидејќи ресетирањето на мерачите е индивидуално. Искрено, на целиот стил, малку неприлагоден изгледа фонтот со кој податоците се испишани, пред се поради монструозната големина, но веројатно тоа може да се подведе до различноста во вкусовите, а за тоа не треба да се дискутира. Посебен дисплеј ја покажува температурата надвор и внатре, заедно со избраниот начин на циркулација на воздухот, а има уште еден за часовникот, со што се доловува атмосферата на максимална техничка современост. Наметнатиот комфор создава поинаква слика за автомобилот, па несоодветно мали изгледаат просторите за одложување на ситниците, особено ако барате простор за повеќе компакт дискови, наспроти капацитетот од шест во шаржерот.
Оваа генерација на Корола е подолга, поширока и повисока од претходната, што е забележливо и однадвор а не само по комодитетот во кабината. Со вкупна должина од 4,365 метри возилото е чекор до Авенсис, а дополнителен придонес кон моќниот изглед дава пораснатоста во висина од нецели девет сантиметри (највиоката точка е на 1,47 метри). Со тоа прегледноста на патот е слична како во Јарис, што не беше случај со старата верзија. Багажниот простор има извонреден капацитет од 437 литри, при што морам да нагласам дека тоа е употребливиот дел, бидејќи има дополнителни сегменти каде што е сместен системот за навигација, како и резервното тркало со алатот и задолжителните резервни делови. Секоја чест за осмисленоста! Надворешниот дизајн би го ословил со нужно решение, бидејќи нараснатоста на автомобилот бара омекнување на линиите. Сепак, најмалку пораснат изгледа предниот дел, кој е непропорционално краток, со интересна линија на спуштање, безмалку како на папагалски клун, а на тоа асоцира и високо поставениот амблем на Тојота кој формира набрекната линија над карактеристичната маска. Другиот дел од возилото е исклучително добро испеглан и заоблен, така што носот може да се разбере и како гордо препознатливо решение.
Со Тојота Корола 1.6 VVT-i имав можност да поминам преку илјада километри за пет дена, и да ја почувствувам во разни ситуации, на автопат и во град. Генералниот заклучок е дека автомобилот е вистинска Тојота, со максимално прецизно управување и возни својства што се граничат со предизвик да се дофати границата. Стабилноста не беше компромитирана во ниту еден од од режимите на работа, без оглед на временските услови. Совршено прецизно и безбедно однесување на патот, кое лесно се одржува. Не ми се допадна што во одредени моменти на лоши патишта се создава непријатна бука во кабината, која го расипува впечатокот, кој пак го создава задоволството од управувањето. Се разбира, за пофалба се менувачот и моторот, познати од претходната генерација, но се уште со големо количество на свежина во себе. Со 110 коњски сили и петостепен мануелен менувач кои работат како под диригентска палка, патувањето во Корола е задоволство. Еластичноста на агрегатот овозможува менување на режимот на работа зависно од условите на патот, без да се менува степенот на пренос. Амортизацијата и потпирањето преку Макферсоновиот принцип на независност се дополнителна гаранција за комфорот. Во градски услови може да се најде компромитирачка ситуација според големината на возилото, како што се потешкотиите да се најде соодветен паркинг простор и прегледноста наназад и во долниот дел од возилото при маневрирање наназад, особено доколку задната клупа угостува тројца патници. Исто така, без бришач на задната шофершајбна работата дополнително се отежнува во дождливи услови.
Убедливиот мотор знае да биде и исклучително штедлив. Зависно од брзините што се развиваат, може да троши од шест до дванаесет литри на сто километри. Во најекономичната варијанта просечната брзина за време на тестот беше околу 110 км/ч (на автопат), средна потрошувачка во градски услови (нешто помалку од осум), додека ако ви се услади престигнувањето на отворен пат може да сметате на максимална потрошувачка по преминувањето на границата од 140 км/ч. За домаќинската штедливост заслужна е автономната иновација на Тојота, варијабилната технологија за отворање на вентилите (VVT-i), која со интелигентно однесување раководи со работата на моторот зависно од оптоварувањето. Со тоа се намалува и процентот на штетните материи во издувните гасови, а дополнително, моторот добива на еластичност.
На крајот, разделбата со Корола наметна димензија на суд. Според ценовникот, цената на овој модел е околу 17.500 евра, што не отскокнува од конкуренцијата со слична понуда. Не може да се рече дека е евтина, бидејќи не е, а има други постари модели на пазарот што се во граница до 15.000 евра. Слично на констатацијата од почетокот, тајната е во техниката, бидејќи се нуди многу опрема, а има и варијанти кои не одат на максимизирање на задоволството. Сладокусците ќе имаат интересна работа при изборот, бидејќи на крајот на краиштата, ќеифот сепак е еден од пресудните елементи.
Александар Табаковски