ТОЈОТА
ЈАРИС 1.5 Т Спорт
СИЛА
БОГА НЕ МОЛИ
Се сеќавате
на приказните за малите добри човечиња кои во бајките им помагаат
на луѓето во неволја кога треба да исполнат неисполниви задачи?
Интересната димензија на голема практична моќ и речиси минијатурни
величини претставува
нешто што го окупира вниманието на обичниот човек, кој со доза
на неверица гледа на таквите работи. Во автомобилската индустрија,
тоа се малечките автомобили кои се набилдани да можат да се справат
со задачите од типот “оди таму – не знам каде, донеси тоа – не знам што”. Ретки се производителите што како Тојота го нудат тоа задоволство во овој
сегмент, а олицетворение на тоа е Јарис Т Спорт.
Овој модел
на нашиот пазар доаѓа две години по појавата на Јарис, кој во
2000 година ја понесе наградата за најдобар европски автомобил.
За мене, можноста да го споредам со класичната верзија беше поволна,
бидејќи пред помалку од два месеца www.avtomobili.com.mk
го имаше на пробно возење базичниот модел на Јарис. Автомобилот кој се закити
со многу епитети, а притоа најзначаен е оној за најбезбеден во
својата конкуренција, сега покрај интелигентните технички решенија
и максимално искористен внатрешен простор, може да ги истакне
и своите “мускули”,
изразени како 106 коњски сили.
При првиот
тест, генералната констатација беше дека Јарис ја заслужува својата
висока оценка благодарение на тоа што во секој сегмент има добри
карактеристики, но секогаш се приметува дека малку недостасува.
Тоа се однесуваше и на силата на моторот на основниот модел, каде
што од моторот со зафатнина од еден литар на располагање беа 68
КС. Во таа насока, иако лесен автомобил, сепак, забрзувачките
спосбности како одговор на моторот при пристискањето на гас педалот
не беа нешто што го воодушевуваат возачот, иако можат да се оценат
за солидни. Чиста спротивност е Т Спорт, кој пленува со пристапот
како комплетен возачки автомобил, чии возни својства се сосема
различни од обичниот.
Тоа
се должи на моторот што Тојота го подготви, со зафатнина од 1,5
литри и силина од 106 коњски сили. Четирилиндричниот агрегат со
шеснаесет вентили се чини на моменти и премоќен што го прави Јарис
брз како да е исфрлен од катапулт. Првобитната намена на овој
мотор е за мини-МПВ автомобилот Јарис Версо, каде што е потребна
таква сила за да може да се носи и товарот во огромниот понуден
простор, а сега доаѓа и како спортска варијанта. Додека конкурентите
вградуваат дволитарски мотори, Тојота се одлучи на помала изведба,
која се покажува дека е повеќе од доволна.
Срцето на Јарис
Т Спорт чука најсилно при шест илјади вртежи кога на располагање
е најголемата силина на овој агрегат. Вртежниот момент ја нуди
најголемата моќност на 4200 вртежи во минута (145 Nm).
Зад воланот
тоа значи дека моторот најдобро работи над бројата од четири илјади
вртежи, кога се чувствува неговата работа и ефектот на притискање
на гас педалот. Мануелнот петостепен менувач има доста краток
од, и во поглед на менувањето на брзините и во поглед на неговата
работа, бидејќи за да се постигне висок вртежен момент (и тоа
доста брзо), пониските степени на пренос се многу кратки.
Така,
режењето на моторот предупредува постојано дека е потребен повисок
степен на пренос, при што практично четвртиот степен на пренос
ја има улогата на трет кај обичните автомобили, додека оние пред
него се кратки и се користат за забрзување. Менувачот е исклучително
со спортски дух, како и впрочем секој елемент на овој автомобил
наменет за оние со огин во срцето. Тврдата амортизација “од прва”
укажува на својствениот спортски дух, кој е надополнет со внатрешните детали.
Спортските седишта, ефикасните диск сопирачки, преработената инструмент
табла со класичен спортски дизајн на брзиномер и мерач на вртежите
(наместо футуристичкиот дисплеј со дигитална сигнализација во
класичниот модел), како и управувачот со три крака преземен од
Селика (опшиен со кожа), укажуваат на комплетниот темелен третман
на возило кое добива нова личност со силен карактер.
Внатрешниот
простор останува адут на малиот Јарис, кој со својата висина нуди
несвојствена комоција во сегментот на мали возила. Надворешно,
дизајнот е ист како во обичната верзија, со пожелните облини кои
му даваат немирен дух на јапонскиот спринтер. Подигнат е квалитетот
на изработка во речиси секој сегмент, при што употребените материјали
(со исклучок на пластиката) се на високо ниво. Опремата е надополнета
со моќно озвучување и ЦД плеер наместо касетофон од обичната варијанта.
Клима уредот е исклучително моќен но не се одразува на перформансите.
Максимална декларирана брзина е 190 километри на час, што за време
на тестот беше лесно постигната со четири патници во возилото,
заедно со багаж.
Истото
се однесува и на забрзувањето од 0-100 км/ч при кое се постигнува
за девет секунди. Спорската нота воопшто не влијае на комфорот,
кој спротивно од другите спортски автомобили, скроени според девизата “за
убавината треба да се трпи”,
тука е подобрен. Она што е логично е дека на ваков автомобил не
му е потребен голем багажен простор, сепак може да се смета како
мал недостаток, особено ако има и петти патник во возилото. Тогаш
оптимумот е нарушен, но оние кои ќе се одлучат за спортската варијанта
свесно го жртвуваат тоа во име на перформансите. Потрошувачката
е декларирана како на 6,9 литри (средна вредност), но корисниот
дисплеј на централната конзола покажуваше обратно, 9,6 литри за
време на пробниот период. Без задржување на другите детали кои
се идентични како на обичниот Јарис (текстот е во рубриката Возевме),
може да се констатира дека Тојота завршила добра работа со овој
модел. Лично можеби би сакал поголема стабилност на возилото при
осторто сопирање во свиоците, но сепак манирот на однесување на
ова возило лесно се учи и возачот нема проблем да го контролира.
Тојота е позната
по својата спортска посветеност, што на рели првенствата стигна
до титулата и комплетна доминација на почетокот од деведесеттите,
а сега најавува дека оди на освојување и на формула еден. Јарис
Т Спорт е прозвод кој го доближува тој ген од широкото семесјтво,
во кое перјаници се Селика и Супра. Цената од околу 35 илјади
ДЕМ е непримерна, но имајќи ги предвид разните давачки вградени
во цената за македоснкиот пазар, станува јасно зошто овој модел
е хит на другите пазари кои немаат акцизи и го нудат Т спорт за
28 илјади. Во секој случај, сила Бога не моли, па онпј што и покрај
се ќе се одлучи на Т Спорт, ќе има можност да ужива во возењето.
Александар
Табаковски