ПЕЖО 307

ЏОКЕР КОН БРОЈКИТЕ

          Првиот автомобил на Пежо во 21 век е токму новиот 307. Француските инженери внесуваат голема доза на респект кон оваа улога на возилото што настапува во најпродаваниот сегмент на пазарот, па затоа во игра се вклучени сите адути што можат да го подигнат неговиот рејтинг. Пежо 307 доаѓа како замена за успешниот модел 306, но она што е очигледно е дека не се базира врз него. Напротив, успехот што го постигна помалиот модел 206, кој е хит на сите пазари, па и во земјите каде што традиционално се продаваат само големи автомобили (Саудиска Арабија на пример), јасно укажува дека е погоден нервот на купецот и неговите потреби.

          Токму затоа првиот впечаток дека 307 е зголемена 206 останува како лајт мотив на дизајнот, но од друга страна новото возило пленува со настапот како некое што нуди многу повеќе од она што се очекува. Целокупната робусност во секој поглед е приметлива на улица, во возење меѓу другите автомобили, при што доаѓа до израз вистинската големина, како да не станува збор за автомобил од средната класа. Тоа уште еднаш ја покажува разликата од 306. Претходниот модел беше најмал во својот сегмент, додека 307 е убедливо најголем во однос на конкуренцијата, при што има должина од 4,2 ширина од 1,75 и висина од 1,51 метар. Автомобилот обдарен со овие димензии следствено нуди комфор во својата кабина, при што останува пожелниот надворешниот изглед. Меките линии ги нагласуваат бочните облини, додека лицето на автомобилот не пати од голема маска, туку напротив заштитниот знак е вграден под самиот поклопец на моторот, додека стилизираниот браник содржи отвори за воздух во долниот дел. Динамичната елеганција ја открива немирната природа својствена за помалите автомобили, која продолжува и со ова возило. Концептот Прометеј, кој беше претставен минатата есен во Париз, беше претходница на некои дизајнерски решенија, при што аспект беше даден на светлоста во возилото. Пежо 307 има неверојатно големо предно ветробранско стакло со површина од 1,46 метри квадратни, наспроти стандардните автомобили во овој сегмент чии стакла имаат димензии од 0,8 метри квадратни.

          Тоа најмногу се приметува одвнатре, каде што возачот наоѓа уште дузина решенија што одат во прилог кон впечатокот дека она што некогаш била просечна средна класа, со Пежо 307 се губи во минатото. Високиот кров овозможува повисоко седење, при што ергономските седишта се штелуваат и по висина и по должина, а за изнаоѓање на вистинската позиција се приклучува и штелувањето на управувачот по висина и должина. Но, интелигентните решенија што се заштитен дел од новото возило, содржат и иновации како Мултиплекс ожичување (електроника од авио индустријата) кое се пренесува од луксузниот модел 607, ладење во просторот пред совозачот (патнички фрижидер од 17,5 литри), фиоки под седиштата, можност за избор на тоновите на внатрешноста, или пак во поглед на безбедноста, употребата на интелигентни воздушни перничиња (двојно ниво). Токму на безбедноста на патниците е посветено големо внимание, при што во активниот дел тоа е изразено со електронските програми ESP (стабилност), BAS (асистенција на сопирачките), ASR (анти слип регулација) и ABS (против блокирање на сопирачките). Внатре возилото е обезбедено со воздушни завеси и странични воздушни перничиња, покрај петте сигурносни појаси. Зацрвстениот рол бар на каросеријата е уште една ставка во низата, поради што европските осигурителни компании како Allianz даваат попусти за осигурувањето на ова возило.

          Зад управувачот на Пежо 307 за прв пат седнав при промоцијата во Скопје, но пробното возење што француската компанија го организираше за новинарите од цел свет се одвиваше на патеката околу Тарудант во Мароко. На специјално одбраната маршрута по дивината каде што отсуствува модерна сообраќајна мрежа, имав можност да поминам четиристотини километри трите верзии на овој автомобил, според почетната палета на мотори. Најмала силина има HDI моторот со зафатнина од два литра и 90 коњски сили, но до крајот на оваа година се очекува 16-вентилска верзија со 110 коњски сили. Од бензинските мотори на почеток се нудат два. Помалиот со зафатнина од 1,6 литри и 110 коњски сили, и од два литра со силина од 138 коњски сили.

          Наспроти дизел варијантата, кај која отсуствува стартноста, бензинските верзии нудат многу повеќе отколку домаќински приод кон возењето. Автомобилот е солидно тежок и кога е празен (1170-1240 килограми), но моторите се доволно моќни во секој момент да ја понудат потребната силина што возачот ја бара од нив. Патеката во Тарудант не беше таква каде што можеше да се испитаат крајните домети, пред се поради ниското ниво на безбедносни услови и големи присуство на песок и ситни каменчиња на патот, што го отежнуваше управувањето, а особено сопирањето бидејќи најмногу се користеше моторното сопирање. Завидниот комфор придонесе да се доживее Африка на многу пинаков начин отколку што обичен турист тоа би можел да го добие без оглед на цената. Моќните клима уреди успешно се справуваат со африканската горештина, а наспроти тоа не се чувствува намалување на снагата на моторот. Удобноста е продолжување на успешното решената амортизација, што особено беше видливо на тесните свиокливи патчиња. На предните тркала е имплементиран Мекферсон систем на независни тркала со стабилизатори, кои ги има и на задната оска, при што и напред и назад има хидраулични амортизери со притисок од 3 бари.

          Сопирачките се ефикасни, при што стандард е дискови на сите четири тркала со самовентилирачки тип напред. Постојаната борба со свиоците наметна впечаток дека најлесниот модел (бензинецот со мотор од 1,6 литри и 110 коњски сили) е извонредно балансиран, додека оние со потежок мотор (разлика од 30 килограми) бараат понежна реакција на сопирачките поради тенденцијата на навалување кон напред. Менувачот во сите варијатнти е мануелен и петостепен, кој беспрекорно одговара на командите. Поради големите стаклени површини прегледноста и напред и назад е на исклучително високо ниво. Четири патници имаат неоспорив комфор и без оглед на ХХL димензиите комотно можат да седат еден зад друг. Робусната конструкција дава и многу можности за капацитетот на багажникот, при што нормалната зафатнина е 341 литар, со соборувања на седиштата нараснува до 790, а ако се оди преку висината на полицата, до кровот има зафатнина од 1328 литри.

          Со нетрпение очекувам ова возило да го доживеам и на нашите патишта, како и неговите најавени варијанти што доаѓаат подоцна. Караванската и кабрио верзијата се најавени за догодина, а дотогаш би требало да бидат претставени уште нови мотори, но и автоматскиот менувач Типтроник. Натфрлувањето на просекот, што досега беше главна карактеристика на средната класа, е чекор што ја докажува концепцијата на понуда од повеќе отколку што се очекува.

Александар ТАБАКОВСКИ

Табела технички податоци за мотор 1,6

Зафатнина

1587

Силина

110 КС при 5750 вртежи во минута

Моќност

147 Nm при 3900 вртежи во минута

Забрзување

 

0-400 метри

18,1 сек

0-1000 метри

33,0 сек

0-100 км/ч

11,6 сек

Максимална брзина

190 км/ч

Просечна потрошувачка (урбан/екстра урбан)

7,2 литри на 100 км (9,5; 5,8)

Табела технички податоци за мотор 2,0

Зафатнина

1997

Силина

138 КС при 6000 вртежи во минута

Моќност

190 Nm при 4100 вртежи во минута

Забрзување

 

0-400 метри

17,0 сек

0-1000 метри

30,9 сек

0-100 км/ч

9,8 сек

Максимална брзина

205 км/ч

Просечна потрошувачка (урбан/екстра урбан)

7,9 литри на 100 км (10,9;6,2)

Табела технички податоци за мотор 2,0 HDI

Зафатнина

1997

Силина

90 КС при 4000 вртежи во минута

Моќност

205 Nm при 1750 вртежи во минута

Забрзување

 

0-400 метри

19,1 сек

0-1000 метри

35,0 сек

0-100 км/ч

13,6 сек

Максимална брзина

179 км/ч

Просечна потрошувачка (урбан/екстра урбан)

5,2 литри на 100 км (6,9; 4,3)