ВОЗЕВМЕ ТОЈОТА ЈАРИС 1.0

НАЈДОБРИОТ ЕВРОПСКИ ЈАПОНЕЦ

    Традицијата на создавање добри семејни автомобили е општо позната карактеристика на третиот светски производител на автомобили, Тојота. Јапонскиот гигант одлучи да освои поголем дел од пазарот, особено во Европа, пренесувајќи го својот имиџ и во ниската класа, кај таканаречените градски автомобили. Јарис е производ на таа намера, а за успехот доволно говорат извонредните продажни резултати кои ја покажуваат реакцијата на купувачите за кои и е наменет автомобилот, но и наградата Најдобар автомобил во Европа за 2000 година.

          Надворешниот изглед укажува дека особено е обрнато внимание на дизајнот, кој му дава личен карактер на возилото, што го издвојува за разлика од моделите Корола и Авенсис. Јарис на прв поглед ми делува доста набиено, набилдано, истовремено нежно и префинето. Разиграните линии му даваат свеж дух, бидејќи забележливо е отсуството на прави и остри линии. Горниот овален дел му дава шмек со висината однадвор, но и со комодитетот одвнатре, што укажува на практичноста. Деталите на него се воочливи, исто така дизјнирани со стил, но го нагласуваат имиџот со упадливоста. Тоа се однесува на стоп-светлата, ретровизорите, браниците и фаровите. Забелешки можат да се најдат, како на пример што ретровизорите не се во боја на каросеријата, масивниот заден браник кој почнува многу високо, или пак, стеснетата маска меѓу доминантните фарови, но тоа не го менува суштинскиот добар впечаток.

          Еден од главните адути на Јарис е комоцијата во самото возило. Од аспект на возачот, поставеноста на седиштето во повисока положба дава многу поголема прегледност, а висината на возилото е максимизирана за да овозможи комфор на ниво. Истото се однесува и за совозачкото место, додека задната клупа има втор голем адут, а тоа е поместувањето во хоризонтала за 15 сантиметри. Висината е нешто пониска, па оние патници од поголем калап можеби ќе имаат забелешка. Искористеноста на просторот е максимална, бидејќи има прегради секаде каде што има слободен простор, иако некои од нив не се толку пристапни (меѓу централната конзола и просторот пред совозачот). Инструмент таблата е комплетно дигитализирана и се наоѓа онаму каде што не ја барате, но лесно за возачот е многу полесно воочлива – над централната конзола. Косо поставена, таа е персонализирана за возачот и ги содржи сите потребни елементи како информации за оној зад воланот. Можеби во прво време делува чудно и шаренолико да се следат промените преку мали графички прикази во разни бои, но потоа заклучив дека на тој начин некои од нив се полесно воочливи. Тоа е пример со мерачот на вртежи кој ја отсликува работата на моторот со градација на бои кон црвената зона, како и со илустрацијата на резервоарот на гориво со делчиња кои ги снемува се до последното, кое тогаш почнува да трепка. Интересно е тоа што останатите патници не можат да ги видат истите податоци поради сместеноста на дисплејот, па возачот е поштеден од нивните евентуални забелешки.

          Класифицирањето на Јарис по сегменти не отскокнува од генералната оценка за многу добар автомобил. Во речиси секој сегмент, Јарис се покажува добар онолку колку што треба да задоволи повисоки критериуми, но во исто време не прави чуда. Значи, комфор има, но не и на претек. Моторот на пробниот автомобил имаше 998 кубни сантиметри, кој е со VVT-i и има силина од 68 коњски сили, кои се доволни за удобни перформанси при постојана работа на клима уредот. Во склоп на претходното, автомобилот со овој мотор е стартен, но отсутвува некој евентуален спортски дух (забрзување од 0-100 за 12 секунди), убедливо делува на поголема брзина вон градските улици, но не ја постигнува толку лесно максималната брзина од 156 км/ч. Менувачот е прецизен колку што треба, но одот на рачката е малку повеќе долг. Трансмисијата генерално е многу добро вкомпонирана, преносот на предните тркала му дава динамика на возилото, а пневматиците 155/80 го надополнуваат робусниот имиџ иако добро ја вршат работата.

          Возните својства, односно управливоста на Тојота Јарис, не се дискутабилни и ја оправдуваат наградата на европското жири. Префинетите патници нема да имаат замерки на удобноста при патувањето, иако за некого ергономските седишта се малку потврди. Во секој случај, во патни услови единствена забелешка што може да се стави произлегува во ситуациите кога се притискаат сопирачките на свиок во надолнина, бидејќи тогаш балансот малку се нарушува, што никако не може да се рече за нагорнини или во потешки бавни свиоци, како и во згрчените градски услови.

          Според тестот на Еуро NCAP Јарис е најбезбедното возило во ниската класа, односно единствен со четири ѕвездички покрај конкурентите. Од тој аспект и концептот на возилото како безбедно е надополнето со две воздушни перничиња (за возачот и совозачот). Опременоста и наклоноста кон новата технологија му одат во прилог на возилото, при што треба да се сомене дека прбниот автомобил беше со најсилниот пакет од можните три (Тера, Тера плус и Сол), додека во изведбата со мотор од 1,3 литри се нудат два пакета (Луна и Сол). Највисокото ниво повторно подразбира висока оценка, со мали забелешки (касетофон наместо компакт диск, клима уред – но не е автоматски). Ретко во возила од овој сегмент се сретнува прегледна дисплеј информација со дел од функции на патнички компјутер, кој кажува за просечната брзина и потрошувачката, а воедно е добар информатор за навигација со аудио уредот, како и за температурата.

          Поминатите седумстотини километри со Јарис беа пријатно искуство, при што потрошувачката беше на ниво од шест литри. Лесен за управување и за паркирање, Јарис е олицетворение на потебите за градски автомобил. Најавена е и спортка верзија на овој автомобил, кој би требало да покаже дека во Тојота имаат слух и за оние со поголеми побарувања од малите автомобили.

Александар Табаковски