|
ОПЕЛ
ВЕКТРА
СОЗРЕАНОСТ
Штитејќи го имиџот на беспрекорен
производител, Опел во Женева ја промовираше третата генерација на
Вектра. И на слика, и во живо, првиот впечаток е големината. Трендот
на пораст во димензиите на автомобилите, покрај технолошката созреаност,
е една од главните карактеристики на надоаѓачките новитети. Вектра
не остава простор за сомнеж, бидејќи нуди се во еден момент, покажувајќи
се во топ форма и полна зрелост што почнува да се граничи со класика.
Како и на сите други производители,
целта на Опел е да го постави својот модел на врвот од сегментот
во кој припаѓа. Наспроти продажните хитови како Форд Мондео или
Рено Лагуна, Вектра како свои адути ги поставува зголемениот употреблив
простор (десет сантиметри во должина, девет во ширина), препознатливиот
дизајн со динстиктивна класика во себе, иновативниот концепт на
шасијата IDS (Interactive Driving System), функционирање на сопирачките
на три тркала со ESP, а сето тоа го надополнува со фактот дека производството
е во новата фабрика за која беа инвестирани 750 милиони евра.
Третата генерација е порасната во сите елементи, при што покрај
каросерискиот дел, зголемено е и меѓуоскиното растојание на 2,7
метри (6,3 сантиметри подолго). Воедно, нивото на опрема е покачено
па покрај интегрираната електроника има и "интелигентен"
клима уред со сензор за квалитет на воздухот, разни комуникациски
и забавни уреди (навигација, ДВД прикажувачи), сензори за набљудување
на притисокот на пневматиците, како и помош за паркирање и автоматско
вклучување на бришачите во дождливи услови. Основниот пакет на опрема
не содржи клима уред, која заедно со другите ситници доаѓа во двете
нивоа на опременост наречени Комфор и Елеганс.
На почетокот ќе биде понудена
само седан верзијата со четири врати, во која ќе се вградуваат мотори
со моќност од 122 (1,8 16V) и 147 (2,2 16V) коњски сили (бензински),
однсоно од 100 (2,0 DTI 16V) и 125 (2,2 DTI 16V) КС (дизел). Потрошувачката
според фабриката кај бензинските мотори ќе се движи околу 8 литри
во урбани услови, а 6,5 литри на 100 км кај дизелите. На лето, ќе
биде претставена Вектра ГТС со мотор од 3,2 литра и 211 КС. Крајната
брзина на ова возило ќе биде највисока за било кое досега произведено
од Опел, 248 км/ч и 300 Nm. Сите бензински мотори се од генерацијата
ECOTEC и го исполнуваат стандардот Еуро4 за издувните гасови, а
кај дизелите се уште е актуелен Еуро3.
За прв пат ќе биде претставен и петостепениот автоматски менувач
со ASF (Аctive Select Function), кој е еден од трите начини на трансмисија
што можат да се одберат. Покрај него и мануелниот петостепен менувач,
од оваа есен ќе биде понуден и CVT (CVTronic) најнапред кај моделот
со мотор 1.8 16V. Комплетната совршеност во континуираното прилагодување
на трансмисионите соодноси овозможуваат економично возење со автоматска
трансмисија со шест преноси, која може да биде и со мануелно селектирање
на предефинирани степени, како и класичен автоматски менувач.
За идната година е најавено дека ќе има уште две каросериски изведби,
при што не се кажува кои ќе бидат тие, но се очекуваат караван и
кабриолет. Имајќи предвид дека просторот е дарежливо доделен, Вектра
и сега може да се пофали со капацитет од 500 литри во багажникот
(51 повеќе од старата верзија), но токму обилноста на материјалот
дава можности за нови креации. Догодина ќе биде и проширен капацитетот
за производство, бидејќи покрај супер модерната фабрика во Руселхајм,
ќе биде активирана и онаа во Елсмер Порт во Англија.
Новиот IDS систем на шасијата
ја консолидира напредната контрола и безбедносните функции на индивидуалните
компоненти. Во основа, составено е од Мекферсонов систем напред
и нов софистициран мултилинк со независна оска назад, при што и
кај двете со алуминиумски компоненти се редуцира тежината што не
влијае на еластичноста на пружината. Надополнето со електрохидраулично
серво управување и четириканален ABS кој има CBC (Cornering Brake
Control) за свиоците и EBD (Electronic Brakeforce Distribution)
за распоредување на силата на сопирачките, ова решение според инженерите
на Опел ќе ја направи управливоста уште подобра, а значително ќе
ја зголеми и безбедноста.
Уште поголемо ниво на стабилност и безбедност се постигнува со оригиналниот
систем ЕЅРРlus, кој за разлика од другите електронско стабилизирачки
програми што влијаат само на задното внатрешно тркало во свиокот,
работи на три тркала истовремено со што ја спречува подуправливоста,
а ја прави корекцијата многу попрогресивна и ефикасна.
Во сегментот на пасивната безбедност
се нудат воздушни перничиња однапред, странично и како воздушни
завеси. Тука е и патентираниот изум на Опел за ослободување на педалите,
а дополнително е подобрена активната заштита на главата од надворешни
повреди додека телото е врзано со безбедносниот појас.
Фабричката гаранција на автомобилот
трае две години со неограничена километража, додека на каросеријата
тој рок е 12 години. Согласно трендот што започна со Корса, зголемен
е интервалот за сервисни интервенции, па така кај бензинските мотори
тој трае две години или 30.000 километри, а кај дизелските во истиот
период гарантирани се 50.000 километри. Промената на свеќичките
следува по 120.000 километри.
Вектра порасна заедно со своите потрошувачи, кои по 4,5 милиони
примероци, посакаа уште подобро возило. Созреаноста на двете страни
најавува обострано задоволство кое ќе ја продолжи взаемната љубов.
|
|
|