МЕРЦЕДЕС Е КЛАСА

ЛОВЕЦ НА ПЕПЕРУТКИ


Пролетта е време на хормоните. Секој што ја чувал својата страст преку зимата, со нетрпение го чека моментот кога ќе може соништата да ги сподели со сродна душа. Пеперутките во стомакот чекаат да излезат за да бидат ловени. Мерцедес ја шокираше јавноста со промоцијата на новата Е класа на салонот во Брисел, еден месец пред салонот во Женева кога сите конкуренти истрчуваат во најсилен состав.
Корените на Е класата ги има уште во педесеттите години на минатиот век кога е лансиран моделот W 120, а потоа во шеесеттите и W 110 и W 114. Со дузина модели потоа, W 210 станува Е класа, која по фејслифтингот во 2000 година, по само шест години постоење на пазарот, се заменува со нов модел. Во развојот се вложени преку две милијарди евра, со интенција да се создадат најдобрите компоненти и да се постават нови стандарди во безбедноста, удобноста и управливоста. Во 1995 година за прв пат беа промовирани воочливите двојни фарови, често опевани како очи кои мамат поглед и фрлаат ишарети по другите да се завртат. И сега дизајнот е дел од еволуцијата, па тие се поголеми и со елипсовидна форма. Динамичниот изглед на новото возило става на знаење дека Мерцедес повторно се обраќа до сите што се способни повторно да се вљубат, најнајпред од око, а потоа и осознавајќи го во целост.
Новата предна и задна амортизација во поголем дел се изработени од алуминиум, за да можат да понудат управливост како на спортски автомобил. Ачик нов е и електро-хидрауличниот систем Сензотроник, кој ја имаше својата светска премиера во новиот СЛ пред неколку месеци, а сега почнува да се вградува и сериски. Удобноста е зголемена со иновативниот Аирматик - дуал контрол, систем на воздушна амортизација кој за ублажување на ударите користи електроника што постојано ги утврдува условите на патот, стилот на возење, оптоварувањето на автомобилот, а притоа ја бира најдобрата моментна подесеност на амортизерите и пружините. Тој е како опција во сите модели, освен кај врвот на понудата Е 500 V8. Мерцедес прв во светот ги разви динамичните повеќеконтурни седишта кои се опремени со неколку воздушни комори што автоматски се дуваат и издишуваат, зависно од ситуацијата во возењето, за возачот и совозачот да имаат максимална бочна потпора. Клима уредот Термотроник е со четири сензори, односно може да создава различна температура за секој патник. Во откритијата се вбројува интелигентниот систем за сигурносните појаси кои се прилагодуваат на секој патник посебно, како и на видот на судирот. Автоматски се утврдува тежината на патникот на предните седишта и во комбинација со прилагодливите предни воздушни перничиња, како и со ограничувачите на силата на затегањето, се постигнува попрецизна заштита. Страничните воздушни перничиња и воздушната завеса спаѓаат во сериската опрема. Генерално, задржана е систематизацијата на пакетите на опрема, па се нудат Класик, Елеганс и Авангард.
Во почетокот се нуди палета од пет мотори, меѓу кои има и бензински шест и осум циндрични агрегати, како и втората генерација на ЦДИ мотори со четири и пет цилиндри. Понудата во силината почнува од 177 коњски сили, па се до 306 КС кај бензинците, односно 150 и 177 кај дизелашите. Според потрошувачката, новата генерација дизел мотори троши 0,9 литри помалку, при што обртниот момент е зголемен за 8% и во 270 ЦДИ изнесува 425 Nm. Сепак, се очекува да бидат промовирани и нови ЦДИ мотори со четири, шест и осум цилиндри.
Вака погледнато, има зошто да работат хормоните. Заносната луксузна "пеперутка" ќе ја бркаат уште многу пролетни ловци. Со продажба од 200.000 парчиња, или вкупно 1,4 милиони од 1995 година, а во релативна бројка 24% од продажбата во сегментот на луксузните автомобили, Е класа има задача да остане сон за ентузијастите.