БАРНС ЈА ДОБИ БИТКАТА НА НЕРВИТЕ
     Ричард Барнс е првиот Англичанец што ја освои титулата светски првак во рели, откако заврши третопласиран на последната трка во сезоната. Во најавите беше често споменувано дека победникот ќе добие се, но откако четворката се изедначи на вечната листа на победници, никој од нив нема среќа. Растоварен од грижите за сопствениот пласман, минатогодишниот првак Маркус Гронхолм ја забележа втората победа во низа, со што ја одбрани честа на Пежо како победнички конструктор во првенството.

     Ричард Барнс сезонава беше во сенка на возачите на Пежо 206 (Гронхолм, Рованпера, Ориол) и Форд Фокус (Колин МекРе и Карлос Саинц), но вредно собираше поени меѓу првите шест и со само една победа стигна до круната. Претходните три сезони тој победуваше на трката што е негов домашен терен иако се вози во Велс, крај Кардиф, но токму оваа година му се посреќи наместо со победа, да стигне до главната премија возејќи резервирано и мудро. Тој требаше да освои повеќе од два поена бидејќи толку заостануваше на табелата зад Колин МекРе, кој беше најголем фаворит, а еден зад Макинен. Бидејќи и двајцата го завршија својот настап уште на првиот ден, Барнс ја доби шансата на животот, па по две втори места, конечно се закити со победничките ловорики.

     Новиот шампион е роден на 17 јануари 1971 година во англискиот град Ридинг, а со автомобилите се занимава од својата осма година. Тогаш прв пат седнал зад управувач на Триумф, а веќе од својата единаесетта година се вклучил во клубот на регистрирани возачи под 17 години. Вештините што ги поседувал биле искристализирани откако татко му Алекс го запишал во рели училиште на 15 годишна возраст. ОД неговата 18-та година е во трките, каде што е забележан од Дејвид Вилијамс, кој станува негов ментор и се уште стои зад секоја одлука на Барнс. Тој му го купил првиот автомобил Пежо 205 ГТИ, за куп натпреаврите од таа серија, каде што барнс триумфирал истата година. Од следната сезона започнува во националното првенство со Субару, каде што е забележан од ловците на таленти и му е понуден ангажман во светското првенство за истата екипа. Таа 1990 година го има првиот случаен настап во Светското првенство. Во 1993 е најмлад победник на британското првенство, по што следи префрлувањето во Мицубиши како втор возач по Макинен. Повторно е во Субару од 1999 година, кога почнува да победува и ја забележува првата вице шампионска титула. Откако истото го направи илани, годинава трета среќа! На почетокот освои само три поени во четири трки, по што се врати во колосек со двете втори места во Аргентина, Кипар и Финска. Единствената победа ја забележа во Нов Зеланд, по што следуваа четврто место на Корзика, второ во Австралија и третото во Британија. Досега има 63 трки и девет победи.

      На конечната табела Барнс 2001 година ја заокружува со 44 бода, наспроти МекРе со 42 и Макинен со 41. Рованпера и Гронхолм се изедначени со по 36, додека Саинц кој на последаната трка излета во публика (по што беше повлечен од настапувањето, иако со победа можеше да оди на титула), остана на 33 поена. Пежо со 106 поени ја одбрани круната кај конструкторите, пред Форд со 86, Мицубиши со 69, Субару со 66, додека Хјундаи и Шкода се изедначени со 17.